ЗОШТО СИДНЕЈ ПЛАНИРА ДА СЕ ПОДЕЛИ НА ТРИ ГРАДА?

Сиднеј, (Си-Ен-Ен)

Сиднеј, најнаселениот град во Австралија, го објави својот амбициозен план да се подели на три града, проект што сака да го реализира во наредните 20 години.

Радикалниот план наречен „Големиот регион на Сиднеј: метропола од три града“ на овој начин сака да реши некои од своите најголеми проблеми, како забрзано зголемување на бројот на населението, превисоки цени на домувањето (просечна цена на куќа во Сиднеј е 914.000 долари) и пренатрупан сообраќај. Поделбата на градот ќе им даде на жителите подобар пристап кон домување, работа и услуги, смета Комисијата која го води овој проект.

„Сакаме поквалитетен живот за сите сиднејци“, кажа портпаролот на Комисијата.

Трите нови града би се викале Истерн Харбор Сити, Сентрал Ривер Сити и Вестерн Паркленд Сити. Но, како да се изведе поделба на градот во којшто живеат милиони луѓе?

Се очекува популацијата на Сиднеј да се удвои во наредните 40 години, од 4,8 на осум милиони. Речиси половина од неа живее во областа Истерн Харбор, кадешто се и најпознатите градски знаменитости, со што Сиднеј се соочува со проблемот на преголема концентрација на луѓе во една област.

Клучот на стратегијата е креирањето на „30-минутни градови“, односно живеење во заедници што се наоѓаат на половина час од центарот на метрополата. За да се оствари ова, ќе се воведат различни опции за транспорт, како нови патишта и железнички линии. На тој начин, тие ќе бидат три уникатни, но поврзани градови.