Денеска во 18 часот, во Македонскиот народен театар (МНТ), за првпат на Танц фест Скопје, ќе се изведе танцова претстава за деца „Зик Зак Пуф“ на танцовата компанија „Мафалда“ од Швајцарија, во кореографија на Тереза Ротемберг.

Претставата „Зик Зак Пуф“ е наменета за деца од тригодишна возраст нагоре.

Танц фест Скопје ја најавува како современа колоритна бајка, во која постојат чудни, различни суштества кои се сретнуваат.

„Низ заедничко искуство, тие сфаќаат дека иако се различни, можат да општат и да комуницираат и гледаат предизвик во таа можност. Разбираат дека нивната сила е во здруженоста и заедно ги надминуваат сите пречки и откриваат нови перспективи, дури и во најчудните ситуации. Претставата ни прикажува различни имагинативни карактери, кои низ прецизни епизоди ја раскажуваат приказната и создаваат незаборавна атмосфера и несекојдневно доживување“, најавува фестивалот.