59 ПЛАНИНАРИ ГО ДОЧЕКАА ИЗГРЕЈСОНЦЕТО НА ВРВОТ ЉУБОТЕН

Тетово, (СМАРТ СДК.МК)

Планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово и оваа година ја реализираше веќе традиционалната акција на ноќно искачување на врвот Љуботен и пречек на изгрејсонцето. Љуботен со своите 2.499 метри надморска височина е еден од највисоките врвови на Шар Планина.

На оваа акција наречена „Зора на Љуботен“ оваа година учествуваа 59 планинари од повеќе градови од државата.

„На годинашново искачување на Љуботен учествуваа 59 планинари од цела Македонија. Собирното место беше Старе Село, од каде што организирано се тргна кон планинарскиот дом ‘Љуботен‘, кој е во подножјето на врвот. Околу 2 часот и 30 минути тргнавме кон врвот, каде што бевме околу 5:30 часот. Тука сите собрани ги дочекавме изгрејсонцето и новиот ден“, кажа Владимир Трповски од ПК „Јелак“.

Покрај планинарите од „Јелак“, во акцијата учествуваа и членови на планинарските клубови „Љуботен“ и „Тетекс“ од Тетово, како и планинари од Скопје, Куманово, Велес, Битола и Прилеп.

З. АНДОНОВ