Актерот Дејан Лилиќ ќе биде водител на Интернационалната вечер на фестивалот „Охрид фест“ на 31 август на сцената на Долни Сарај. Лилиќ ќе го води фестивалот заедно со Марјана Станојковска која претходните години го водеше заедно со Васил Зафирчев.
Актерот вели дека, и покрај богатото актерско искуство, за првпат ќе биде водител на фестивал.
„Пред 25 години сигурно не би се видел на фестивалот. Пред десетина, можеби и би размислил. Но денес, по сето мое искуство, што сум видел, слушнал и доживеал, мислам дека е ‘кул’ што сум тука. Со одлична екипа, на Интернационална вечер, со легенди и луѓе што оставиле многу зад себе. Задоволство ми е што на некој начин фестивалот ќе ме жигоса, а и јас него“, вели Лилиќ.
Фестивалот ќе започне на 30 август со фолк вечерта на која ќе се пеат песни во духот на охридската староградска музика. Оваа вечер, водителка е Ирена Спировска. На интернационалната вечер, ќе настапат млади пејачи од Македонија и од регионот, а како гости кои ќе добијат специлани награди се најавени хрватскиот рокер Дадо Топиќ и српскиот пејач Лео Мартин.
М. ЏАРОВСКА