На 3 декември на малата сцена на Театар Комедија премиерно ќе се изведе претставата „Анна“, според истоимениот драмски текст на Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ.
Станува збор за праизведба на текстот што е дел од проектот „Трилогија за љубовта“ на авторката, во кој се содржани и драмите „Марта Верина“ и „104“. Претставата е копродукција на „Перипетија продукција“ и Театар Комедија.
Драмата е инспирирана од „Ана Каренина“, но, како што велат од „Перипетија“, не претставува нејзина драмска адаптација.
„Дали светот е навистина променет, дали ние луѓето сме навистина променети, дали денес после 150 години Ана има шанса да победи? Ана има сè – углед, стабилност, совршено семејство. Но, зад затворените врати се крие една друга вистина: таа е невидлива во својот живот. Кога се среќава со Алексеј, страста ѝ дава илузија на слобода. Но, дали навистина може да се ослободи?“, велат од продукцијата.
Во претставата играат Маја Љутков, Благој Веселинов, Саша Ханџиќ и Маја Зеќо, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимите на Ивана Каранфиловска-Угуровска, а музиката на Оливер Јосифовски.
(Фото: Д. Гајиќ)