Британски научници открија гигантска прстенеста структура во вселената, за која велат дека е толку голема што го предизвикува нашето разбирање на универзумот. Таа има дијаметар од 1,3 милијарди светлосни години и ако се набљудува од Земјата, изгледа 15 пати поголемо од Месечината на ноќното небо.
Астрономите ја нарекоа Голем Прстен и е составена од галаксии и кластери на галаксии. Таа не може да се види со голо око зашто е доста далеку, а идентификувањето на сите галаксии кои сочинуваат една поголема структура бара доста време и компјутерска моќ.
Вака големи структури не би требало да постојат според еден од водечките принципи во астрономијата, наречен космолошки принцип, кој вели дека целата материја непречено се шири низ вселената. Иако ѕвездите, планетите и галаксиите нам ни изгледаат огромно, во контекстот на големината на универзумот, тие се безначајни и теоријата е дека не би требало да се формираат вака големи структури на материја.
Големиот Прстен не е прво прекршување на овој принцип и сугерира дека ги има уште, кои допрва треба да бидат откриени.
„Ова е седма голема структура откриена во универзумот што е во спротивност со идејата дека космосот е мазен во најголемите размери. Ако овие структури се реални, тогаш космолозите ќе имаат да размислуваат за тоа како универзумот еволуирал со тек на времето“, рече Роберт Маси, заменик-директорот на британското Кралско астрономско друштво.
Најголемиот единечен ентитет што досега е идентификуван во вселената е суперкластер на галаксии наречен Големиот Ѕид Херкулес-Корона Бореалис, кој е широк околу 10 милијарди светлосни години.
(Фото: НАСА)