ДАНИЕЛА АЛЕКСОВСКА ИЗБИ НА ТРЕТОТО МЕСТО НА СВЕТСКАТА РАНГ-ЛИСТА ОТКАКО СТАНА ЕВРОПСКИ ПРВАК ВО МЕШАНИ БОРЕЧКИ ВЕШТИНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Даниела Алексовска освои златен медал на Европското првенство во мешани боречки вештини (mixed martial arts – MMA), кое се одржа во Белград. Алексовска, која е членка на клубот „Стронгест”, е рангирана како трета во светот во категоријата јуниори до 52 килограми.

„Со освоениот златен медал на Европското првенство во Белград, Даниела не само што се запиша во историјата на македонскиот спорт како прв европски првак во женска категорија, туку и донесе вредни поени на ранг-листата на Меѓународната ММА федерација. Ова е историски успех за Даниела, Македонија и за нејзините тренери Ивица Алексовски и Стефан Пецевски“, велат од клубот.

Во изминатата година, Алексовска имаше 10 борби, на кои забележа осум победи и освои бронзен медал на Светското првенство во Ташкент, Узбекистан и сребрен медал на ЕП во Белград.

Даниела претходно се натпреварувала во повеќе боречки спортови, а главната основа ѝ е бразилска џиу-џица, во која е национален и балкански шампион веќе 12 години.