Кинески научници објавија дека имаат откриено огромно количество од илјадници фосили на брегот на реката Даншуи во провинцијата Хубеи. Се проценува дека се стари околу 518 милиони години и тие се уникатни по тоа што мекото ткиво кај повеќето суштества, како очи, кожа и внатрешни органи, е исклучително добро зачувано.
Палеонтолозите го опишаа откритието како неверојатно, особено што повеќе од половина од фосилите се досега непознати видови. Собрани се повеќе од 20.000 примероци, како црви, алги и медузи, од кои 4.351 се анализирани досега.
„Тие ќе бидат многу значаен извор во проучувањето на потеклото на раниот жив свет“, изјави професорот Шјинглинг Џанг, еден од водачите на истражувањето.
Геологот Роберт Гејнс вели дека откритието е извонредно, затоа што поголемиот дел од суштествата се мекотелни организми, кои вообичаено не се подложни на фосилизирање.
„Штом мекото ткиво е така добро зачувано, организмите брзо биле затрупани во талогот, најверојатно, како последица на невреме. Она што особено воодушевува е изобилството и разновидноста на медузи и актинии. Првпат гледаме ваква зачуваност на медузи“, кажа Гејнс.
Истражувачкиот тим продолжува со ископувањата во регионот, со цел да пронајде повеќе од овој древен локален екосистем. Фосилите потекнуваат од Камбриумот, период кој почнал пред 541 милион години.