ДРАМСКИ АМАТЕРСКИ ФЕСТИВАЛ ВО КОЧАНИ СО ПРЕТСТАВИ ОД МАКЕДОНИЈА И РЕГИОНОТ

Кочани, (СМАРТ СДК.МК)

Од вечерва (15 мај) до 20 мај, во Кочани ќе се одржува 63. издание на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ). На програмата се осум претстави од Македонија, Србија и Црна Гора, во избор на селекторката Ава Хусеини. Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Хаос“ на Штипскиот театар.

Од Македонија учествуваат училиштето за театар „Од игра до претстава“ од Скопје со претставата „Женидба“, претставата „Перфектни странци“ на гимназијата „Св. Климент Охридски“ од Охрид и „Тестостерон“ на аматерскиот театар при Домот на културата во Кавадарци, со која ќе биде затворен ДАФ 2026.

Од Србија доаѓаат Младинската сцена на Народниот театар од Врање со претставата „Грета“, Драмското студио од Ниш со „Драги дневниче“ и „Кога бајката станува наша“ и аматерскиот театар на Центарот за култура од Стара Пазова со претставата „Сѐ за жените“, а ќе се изведе и црногорската претстава „Есен во мојот крај“ на Здружението на млади од Куча.

Жирито е составено од актерите Никола Кузелов и Марина Поп-Панкова и драматургот Весна Куслеска. Ќе се доделат Гран-при наградата и наградите за главна женска и машка улога, споредна женска и машка улога и за инвентивност.

П. ПЕЧКОВ