ДУХОВИ, ГНОМОВИ И ВЕШТЕРКИ – ЕВРОПСКИОТ ФОЛКЛОР ЈА ОТКРИВА МРАЧНАТА СТРАНА НА БОЖИЌ

Лондон, (Гардијан)

Период на годината е кога доминира празничното, весело расположение, но европскиот фолклор ја открива и мрачната страна на Божиќ.

Со векови, заедниците низ Европа биле рурални и со тоа биле во милост и немилост на природата, па не чуди што луѓето верувале дека со нив управуваат натприродни сили.

На Исланд во овој период од годината, кога денот трае само четири-пет часа, средновековните луѓе верувале дека духовите лутаат по земјата.

Во Норвешка, Данска и јужна Шведска „постои“ митолошко суштество налик на гном наречено Нисе или Томе во Шведска. Земјоделците често оставаат чинија со оризова каша на нивните прагови за да ги смират овие џуџиња со бела брада.

Се верува дека идејата за Свети Никола кој се спушта низ оџак првпат се појавила во книга на американскиот писател Вашингтон Ирвинг од 1812, а пред тоа домаќинствата биле посетувани од духови.

Така во италијанскиот фолклор постои вештерка наречена Бефана, која се вози на метла и се спушта низ оџак за да остави подароци. И Норвежаните имаат верување дека вештерки на метли излегуваат за Бадник.

Крампус е застрашувачка фигура од австриско-баварскиот фолклор. Тој е влакнест, обично црн или кафеав, со разделени копита и козји рогови. Носи гранки од бреза за да тепа непослушни деца, а најнепослушните ги јаде или ги носи во пеколот.

На Исланд постои и божиќната вештерка Грила, џин кој го сака месото на непослушните деца. Таа поседува огромна злобна мачка, која јаде луѓе кои не добиле нова облека за Божиќ.

Една од највозбудливите божиќни народни приказни доаѓа од западна Украина. Се верува дека некогаш живеела сиромашна вдовица со своите деца. Еден ден шишарка паднала од гранка и пуштила корени во нивниот дом. Дрвото растело и семејството се грижело за него, но не можеле да си дозволат новогодишни украси за да го декорираат. Некои пајаци го слушнале нивниот плач и создале прекрасни мрежи на дрвото. Многумина Украинци денес не ја тргаат пајажината за време на Божиќ, бидејќи се вели дека ќе им донесе среќа во новата година.

(Фото: Гети)