„ДУО ТРИО“ НАПРАВИ НОВА ВЕРЗИЈА НА ХИТОТ „ГРАДИНАРОТ“ СО ПОМОШ НА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА, ЈА ПЕЕ ЛАРА ИВАНОВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Дуо трио“ на „К-15“ го преработи хитот „Отров“, познат како „Градинарот“, кој беше актуелен во 1990-тите. Новата верзија е направена со помош на вештачка интелигенција и се вика „ГрAIнарот 2025“.

На Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Бубо Каров во ремиксот им гостува младата пејачка Лара Иванова. Текстот е на „Дуо трио“, а новата аудиопродукција на Бобан Василевски.

Лара Иванова ги пее вокалите во новата верзија (Фото: Фејсбук)

„Ѝ ја дадовме песната ‘Отров’ на вештачката интелигенција и таа ја направи оваа верзија. За да звучи подобро, Лара ја пее, а ремастеринг направи Бобан Василевски“, велат од „К-15“.

И спотот е направен со помош на вештачка интелигенција, а е во продукција на агенцијата „БДГ“ и „Гуд муд медиа“.

Култните ликови од хумористичната серија пак се собраа за да прослават 30 години од првата епизода и распродадоа два настапа, на 16 и 17 мај во салата „Борис Трајковски“.

Во втората епизода на подкастот „К-15 и пријателите“, што ќе се емитува на 28 февруари од 20 часот, ќе се зборува за музиката на „Дуо трио“ низ годините. Заедно со екипата на „К-15“ е Валентино Скендеровски, кој е автор на оригиналната песна „Градинарот“ и на уште десетина други нивни хитови. Гостува и Слаткаристика како голем фан на екипата.


Фото: В. ОЦЕВСКИ