Најстарото и единствено македонско радио посветено на џез музиката, „Џез ФМ“, стартува со нова програма и онлајн стриминг. Новата програмска концепција почна со емитување на фреквенцијата 100,8 мегахерци, а отсега и онлајн на jazzfmm.mk
Се воведуваат и нови емисии во утринските и пладневните часови со нови водители.
„Сакаме да претставиме нови перспективи и да го следиме развојот на џезот, обезбедувајќи динамична и релевантна програма со која се поттикнува љубопитноста на слушателите. Програмата е збогатена и освежена со нови водители и емисии. Во утринската програма, секој работен ден од 10:30 часот, преку ‘Џез панорама‘ Јасна нѐ носи на музичко патување низ светот, запознавајќи нѐ со различни држави и култури и со нивната музика. Во пладневните часови се емитува ‘Дневна сесија’ со Виктор. Секој работен ден од 15:30 часот, тој нѐ информира за културните настани и за значајните датуми и случувања од историјата на џезот, нѐ запознава со новата генерација музичари преку разговори и интервјуа и промовира нови домашни изданија и настани“, вели уредничката на „Џез ФМ“, Стефана Марковиќ.
Отсега, скопското радио е достапно и за пошироката публика, на ниво на целата држава, како и интернационално, преку воведување онлајн стриминг.