Фотографската изложба „20 години архива на независна културна сцена“ на Наташа Гелева-Лени ќе биде отворена утре (14 октомври) во 20 часот во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје. Изложбата опфаќа фотографии снимени во периодот од 2006 до 2026 и ќе биде отворена до 28 октомври.
Фотографиите се дел од истоимената монографија во издание на „Илика“, чија промоција ќе се одржи на 20 октомври во КИЦ. На проектот работеа Гелева, уредниците на „Илика“, кураторот Владимир Јанчевски и дизајнерите Ема Велковска, Марија Смилевска и Оливер Илиевски.
„Фотографиите на Гелева делуваат како места на отпор: го забавуваат времето и создаваат еден многу природен континуитет. Тие сугерираат дека културната меморија не е изградена од големи наративи, туку од мали, упорни чинови на гледање и паметење“, вели Јанчевски во воведниот текст на монографијата.
Изложбата и монографијата се реализирани со поддршка од проектот „Култура за развој“ на владата на Швајцарија.