Естонија е нова образовна сила во Европа откако покажала подобри резултати од главните европски економии на влијателно глобално тестирање.
Меѓународната програма ПИСА ја мери способноста на 15-годишни ученици да ги применуваат своите знаења и вештини во решавањето на проблеми од реалниот живот, при што тие беа тестирани во читање, математика и природни науки. Малата балтичка земја, која има 1,3 милиони жители, се најде на петтото место во вкупниот поредок, зад Кина, Сингапур, Макао и Хонгконг, а пред Канада, Финска, Ирска, Јужна Кореја, Полска…
Колку за споредба, Македонија заврши на 67. место меѓу 79 тестирани држави и во Европа, послабо котираат само Азербејџан, Казахстан, Грузија и Косово.
Квалитетното образование на децата од рана возраст е приоритет во Естонија, при што тие учат низ игра и се охрабруваат да бидат интерактивни со наставниците уште во градинка. Речиси секое дете во Естонија посетува градинка од тригодишна возраст, а некои и порано, што се плаќа месечно пропорционално на платата на родителите.
„Градинката е важна затоа што ги подготвува децата за училиште. Тие потоа ќе учат многу брзо. Ќе мора да поставуваат прашања, да креваат рака, да бидат храбри. Најважното нешто е да бидат социјално подготвени“, вели Кристин Талвик од Талин, мајка на шестгодишно дете.
Тоа е периодот кога децата почнуваат да се израмнуваат во достигнувањата и се подготвуваат за учење и физички и емотивно. Ова резултира со намалувањето на јазот помеѓу богати и сиромашни деца до времето кога стануваат тинејџери.
На возраст од седум до 16 години, естонските деца добиваат универзално основно образование, кога не се делат во групи според предмети или свои достигнувања. Низ годините, од наставниците се очекува да пронајдат начини да ги доведат сите ученици на исто ниво.
После градинка, школувањето во Естонија е бесплатно.
„Бесплатно во Естонија навистина значи бесплатно. Учениците не плаќаат за книги, оброци и превоз. Образованието отсекогаш многу се ценело во Естонија, но сега имаме традиција да се учи многу повеќе, налик на азиските земји“, вели министерот за образование Маилис Репс.