Од денеска до 24 јуни ќе се одржува четвртото издание на Фестивалот на критичка култура КРИК, кој го организира Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социокултурен активизам и современи културни практики. Годинава, темата е „Човек без својства – политики на маргините“.
Фестивалот свечено ќе биде отворен утре во 19.30 часот во Чифте амам со предавањето на Нејтан Браун, професор по англиски јазик и управител на Центарот за проширена поетика на Универзитетот Конкордија во Монтреал, Канада. Вечерва во 19.30 часот, во кафе-кино „Котур“ ќе биде прикажан филмот „Јас бев дома, но“ (2019), во режија на Ангела Шанилек, што е во рамките на програмата „Критичко читање низ филмови“, чиј селектор е хрватскиот филозоф и публицист Петар Милат.
Меѓу гостите на првиот дел од Фестивалот се и американскиот писател и филозоф Арон Шустер, Лина Гонан – филозоф и активистка од Хрватска, Станимир Панајотов – теоретичар од Бугарија и други.