„Во постојан отпор“ ќе биде темата на седмото издание на фестивалот на критичка култура КРИК, што се отвора денеска и ќе трае до 1 јули. Во организација на „Контрапункт“, фестивалот ќе се одржува на повеќе локации низ Скопје, а првата содржина од јавната програма е предавањето на канадскиот професор Нејтан Браун во Чифте амам насловено „За жал, кутриот Јорик!“ и „Постоењето на духот е коска“.

„Седмото издание на КРИК го насловивме ‘Во постојан отпор‘, истражувајќи ги и промислувајќи ги критичките и автономните стратегии на отпор низ лепеза на уметнички, мисловни, разговорни и теориски формати. Стратегиите на заеднички и индивидуален отпор ни се чинат исклучително важни во времињата кои непрекинато ни приредуваат нови предизвици“, велат програмските уредници Искра Гешоска и Артан Садику.

В четврток во Сули ан ќе се одржи концептуален, перформативен дијалог насловен „Гозба или за љубовта”, а меѓу содржините е и инсталацијата „Сенката на занаетите – Скопје“ на Билал Јилмаз во КСП „Центар-Јадро“.