ФИЛИПЧЕ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ДВА ДЕНА ПО ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Министерот за здравство Венко Филипче поднесе оставка два дена по катастрофалниот пожар кој ја уништи монтажната Ковид-болница во Тетово, при што загинаа 14 луѓе. Иако нагласи дека нема никаква врска со процедурите за формирање и организација на модуларните болници, оставката ја дава како морален чин од почит кон жртвите на пожарот.

„Никогаш не бегав од критика, никогаш не бегав од одговор и не се откажав од битката да ја победиме пандемијата. Многу ме погоди трагедијата во Тетово, многу сочувствувам со семејствата. Како лекар и министер имам интегритет и затоа денеска од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев“, рече Филипче во јавното обраќање.

Тој дојде на оваа функција во декември 2017 и по ланските парламентарни избори го доби вториот мандат.

Покрај Филипче, оставки поднесоа и заменик-министерот за здравство Илир Хасани и директорот на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими.