Француската издавачка куќа „Галимар“ го објави своето издание на збирката раскази „Не одам никаде“ од македонската писателка и професорка Румена Бужаровска.
Како што велат од Издавачкиот центар „Три“, француското издание на „Не одам никаде“ од Бужаровска следува откако претходно „Галимар“ ја издаде и „Мојот маж“, додавајќи го своето издание на листата од петнаесет преводи на збирката што оствари и шест театарски продукции во земјава и странство.
Основана во 1911, а од 1919 година позната под името „Библиотека Галимард“, француската издавачка куќа е една од највлијателните издавачки куќи на дваесеттиот век, кога објавувала дела на Марсел Пруст, Жан Пол Сартр, Албер Ками.
Од „Три“ велат дека „Не одам никаде“, по изданијата во САД, Турција, Унгарија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Франција, во март ќе добие и шпански превод во издание на „Импедимента“, додека, пак, „Мојот маж“ го очекува и својот бразилски превод во издание на „Тодавиа“.