ЏЕНИФЕР ЛОПЕЗ ИМАШЕ ПРИВАТНА РОДЕНДЕНСКА ЗАБАВА ВО НАШИОТ ХОТЕЛ, НО ПОЈАДУВАШЕ СО ГОСТИТЕ И СЕ СЛИКАШЕ СО НИВ, ВЕЛИ МЕНАЏЕРОТ НА ЛУКСУЗЕН ХОТЕЛ ВО АНТАЛИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Џенифер Лопез е многу тивка и ненаметлива, велат менаџерите на луксузниот хотел „Регнум краун“ во Белек во популарната турска туристичка област Анталија.

Хотелот е отворен во јули 2025, а латиноамериканата поп-ѕвезда беше поканета да пее на отворањето откако во 2019 одржа концерт во хотелот „Регнум карија“, кој се наоѓа во истиот комплекс.

Слика од настапот на Џенифер Лопез во 2019 во холетското лоби (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Таа беше сместена во ексклузивната ‘Краун Вила’. Сакавме да ѝ овозможиме приватност, персонализирана услуга и уникатен апартман. Беше скромна, немаше никакви посебни барања. По концертот, го прослави својот роденден во еден од нашите ресторани со својот тим, пријателите и со семејството. На роденденот имаше многу пејачи и модели. Полна куќа со познати личности“, ни рече менаџерот на хотелот за време на обиколката на двата комплекси организирана од туристичката агенција „Фибула“.

Хотелското лоби на „Регнум краун“ (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Од агенцијата велат дека и македонски туристи резервираат летувања во овој луксузен хотел, каде што ноќевање во стандардна соба за двајца во мај чини од 800 до 1.000 евра во просек.

Базенот за возрасни на покривот (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Во хотелот има 343 апартмани и 15 приватни вили. Најмалиот апартман е околу 110 квадратни метри, а вилите се големи и до 1.700 квадрати.

Во другиот хотел „Регнум карија“ има околу 530 сместувачки единици: 430 соби во главната зграда и околу 100 апартмани и вили во делот со резиденции и приватни зони.

Комплексот приватни вили во хотелот „Регнум карија“ (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Во текот на летната сезона имаме околу 2.000 до 2.500 гости дневно, во зависност од резервациите. А, што се однесува до персоналот, во шпицот на сезоната, јули и август, имаме околу 3.000 до 3.200 вработени во двата хотела“, вели менаџерот.

Поглед на плажата и комплексот базени (Фото: СМАРТ СДК.МК)

​„Имаме и услуга со хеликоптер која е достапна 24/7. Ако гостите побараат, можат да ја резервираат преку нашиот тим за услуги. Тоа е услуга со дополнително плаќање“, додава тој.

Хотелите работат и како фудбалски кампови, и тоа е услуга со дополнително плаќање.

Еден од хотелските апартмани (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Имаме две фудбалски игралишта кои се напправени по ФИФА стандарди, бидејќи во текот на сезоната кај нас доаѓаат и национални тимови и фудбалски клубови. Така што, тие можат да играат натпревари, со тренери на Реал Мадрид кои доаѓаат да ги обучуваат“.

„Регнум краун“ има приватна плажа и повеќе од 10 базени, вклучувајќи го базенот на покривот од кој се гледа целата плажа, кој е за лица над 18 години. Хотелот има свој аквапарк од 20.000 квадратни метри, 19 ресторани и 16 барови, како и ексклузивна „Амбер Лагун“, зона со лагунски базени и барови во вода. Во хотелот има теретана со поглед на море, голем спа центар и фамилијарна зона со домашни животни.

Хотелските менаџери се горди на Самиот на Г20 кој е се одржа во 2015 (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Во „Регнум карија“ се одржа Самитот на Г20 во 2015. Најголемите светски лидери од тоа време  разговараа за глобалната економија, безбедноста и за политичките промени.

„Хотелот беше избран како централна локација за самитот во Анталија, а комплексот беше под највисоки безбедносни протоколи, пречекувајќи претседатели, премиери и делегации од целиот свет. Сликите од повеќето од лидерите гордо ги чуваме на ѕидот на хотелот“, вели хотелскиот менаџер.

Слики од Самиот на Г20 во хотелското лоби (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Регнум краун“ е познат и по спектакуларните концерти на светски ѕвезди. Меѓу нив е и Џенифер Лопез, која првпат настапи во комплексот во 2019.

„Таа беше дојдена со свој готвач, но на појадок дојде во главниот ресторан со сите гости и се сликаше со дел од нив. Џеј Ло не е од оние ѕвезди кои се во приватна вила за време на целиот престој. Допатува со нејзините деца и се забавуваше во аква паркот со нив заедно со другите туристи“, додава менаџерот.

Од настапот на Џенифер Лопез во „Регнум краун“ (Фото: Инстаграм)

Сите концерти што се одржуваат во текот на летото во овој хотел се бесплатни за гостите кои имаат уплатено летување таму. Концерти досега имаат одржано Дуа Липа, Кристина Агилера, Рики Мартин, Џејсон Деруло, Рита Ора, Том Џонс, Ана-Мари, Луис Фонси, Џејмс Артур, Пинк Мартини, Блек Кофи, Шекил О’Нил и Кенан Доѓулу.

М. ЏАРОВСКА