ГО ПРЕКИНА ФИНАЛЕТО НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ, ПА ДОБИ МИЛИОН И ПОЛ НОВИ ФАНОВИ НА ИНСТАГРАМ

Мадрид, (Сан)

Колку чини втрчување на терен за време на голем фудбалски натпревар? Повеќе од еден милион лајкови.

Толку порасна популарноста на рускиот модел Кинси Волански на Инстаграм, откако синоќа за кратко го прекина финалето на Лигата на шампионите во Мадрид. Бројката на нејзини следбеници на оваа социјална мрежа преку ноќ порасна од 230.000 на 1,7 милиони и продолжува да расте.

Волански е девојка на популарниот јутјубер Витали Здоровецки, чиј канал „Нецензурираниот Витали“ го следат повеќе од десет милиони луѓе. И неговата популарност несомнено ќе порасне после овој мал инцидент, имајќи предвид дека 22-годишната Волански истрча на теренот токму со логото на каналот на својот костим за капење.

Откако беше пуштена од полиција, Здоровецки ѝ порача на Волански дека се гордее со неа и дека ќе ја омажи.