ГОДИШНАТА ИЗЛОЖБА НА ДЛУМ СЕ ОТВОРА НА 1 ДЕКЕМВРИ ВО МАЛА СТАНИЦА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) ќе се отвори на 1 декември во Националната галерија на Македонија (НГМ), објект Мала станица. Таа претставува презентација на визуелното размислување и креативна реализација на сите членови во текот на изминатата година.

„На годинашното издание посетителите се среќаваат со инспиративен дијалог помеѓу традицијата и иновацијата. Изложбата ги обединува делата во класичните медиуми: цртежи, слики, графики и скулптури, практики кои продолжуваат да ја формираат основата на визуелната креативност. Заедно со нив, современите пристапи како што се инсталациската уметност, концептуалните практики, новите медиуми, дигиталната уметност, фотографијата, експерименталните процеси и хибридните техники ги откриваат растечките можности на визуелната комуникација во 21. век“, вели Маја Рауник-Кирков, претседателка на Уметничкиот совет на ДЛУМ.