Вечерва во 19 часот во паркот Авионче во Аеродром ќе биде отворена изложбата „Усвитени глави“ на Ѓорѓе Јовановиќ, во организација на КЦ 750. Изложбата ќе може да се погледне и утре од 19-22 часот. КЦ 750 е мал, мобилен културен центар, заеднички проект на Иван Шопов и Владимир Лукаш.
„Времињата се тешки, но, како што вели Оскар Вајлд, ‘сите сме во кал, но некои од нас гледаат во ѕвездите’. Тоа е мотото што често си го повторуваат членовите на друштвото ‘Усвитени глави’. Тие во моментов коваат таен план… За што всушност се работи? Дојдете во паркот Авионче во Аеродром за да дознаете повеќе“, најавува уметникот.
Јовановиќ дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2003). Има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек. Работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики.