Дел од големиот хит на српската поп-рок група „Галија“, „Дали спиеше“ (Дали си спавала), вокалот на групата Ненад Милосављевиќ-Неша го испеа на македонски јазик, на концертот во Филхармонијата сношти (16 декември).
Милосављевиќ излезе сам без бендот на бис и стиховите „Ќе најдеш цвет кој по мене мириса, ќе најдеш цвет кој умира“ го испеа на македонски, на воодушевување на публиката.
„Галија“ одржаа два одлични акустични концерти во Скопје во петокот и во саботата, во организација на „Авалон“. Претходно, од продукцијата кажаа дека со „Галија“ се договараат за соработка цели 30 години, откако постои „Авалон“, и овој декември конечно дошло време за никогаш неодаржаните концерти кои го слават 30-годишниот јубилеј на продукцијата.
Ретко кој на публиката ѝ се обраќа со „дами и господа“, што во неколку наврати го направи шармантниот пејач од Ниш и неговата група која поради убавите љубовни песни, постои цели 47 години. Вокалот на Неша Галија сѐ уште е свеж, а бендот во живо звучи подобро од студиска снимка. Освен шестчлениот бенд, на концертот гостуваа и кларинетист и харфистка.
Во овие 47 години, бендот објави 15 студиски албуми, еден концертен албум и шест компилациски.
М. ЏАРОВСКА
Фото: С. РАЈХЛ