ВЛАДО ЈАНЕВСКИ СНИМИ САМО ШЕСТ АЛБУМИ, А РЕЧИСИ СЕКОЈА ПЕСНА МУ БЕШЕ ХИТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Кантавторот Владо Јаневски остави хитови кои станаа евергрини и се омилени кај сите генерации, иако сними само шест албуми. Тој почина вчера во Скопје по кусо боледување на 65 години.

Јаневски последните години снимаше неколку синглови годишно, но последниот студиски албум насловен „Повторно се заљубувам во тебе“ е издаден пред 20 години.

Еден од последните негови настапи е на „Златна бубамара на популарноста“ на 26 февруари годинава, кога ја доби наградата за трајни музички вредности. Јаневски беше чест гостин на „Бубамара“, дури и кога беше во таканаречената медиумска илегала, не даваше интервјуа и не се појавуваше во своите спотови. Во 2024, тој доби награда за концерт на годината, по петте концерти кои ги одржа во Филхармонијата, со кои прослави 30 години кариера. Во март, тој ѝ беше гостин на хрватската пејачка Весна Писаровиќ на нејзиниот концерт во Скопје, во дуетот „Љубовта е моја религија“, што го сними со неа на хрватски јазик, а потоа го препеа на македонски со Каролина Гочева.

Владо Јаневски и Весна Писаровиќ на „Златна бубамара на популарноста“ (Фото: К. Попов)

Во 2023, Владо Јаневски по 30 години се врати на фестивалот Макфест во Штип, со песната „Златни години“, со која имаше впечатлив сценски настап, во кабаре стил.

„Триесет години по ‘Чаирска романтика’ и ‘Еден бакнеж’ доаѓам повторно на Макфест“, рече тогаш Јаневски.

„Дваесет и кусур години зборуваме дека повторно треба да работиме заедно со Владо, но, ете, чекавме да дојде време за тоа“, кажа Роберт Саздов, кој како уметнички директор го покани Владо да биде гостин на фестивалот.

„Со Роберт евоциравме спомени од Макфест од 1991 година, кога како дуо ‘Ластовица’ ја пеевме ‘Зелена песна’. Таа атмосфера на Макфест беше причината поради која сите ние почнавме да се занимаваме со музика. Деца кои стојат пред хотелот ‘Астибо’ со слики и бараат автограми, тоа треба да врати. Не треба да патиме од никаков еготрип дека сме се појавиле на фестивал за да нѐ види мама на телевизија“, се присети Јаневски тогаш.

Има учествувано и на Југовизија во Белград, трипати на Славјански базар во Белорусија, на фестивалот Кавен во Ирска, во Памуккале во Турција и на многу други реномирани фестивали.

Во разговор за СМАРТ СДК.МК во 2023 рече дека му годи мирниот живот, откако од Скопје се преселил во Гевгелија и дека токму сега ги живее своите златни години.

„Во Гевгелија живеам мирно и спокојно и тоа многу ми годи. Најчесто сум дома. Порано после концерт одев на разни забави и полуприватни собиранки и не се брзав да се враќам во Скопје. Сега, штом се симнам од сцена во кој било град, седнувам во мојот автомобил да се вратам што побрзо во Гевгелија. Како млад не можев ни да сонувам дека овие години ќе ми бидат најубави и дека олку ќе уживам во секој ден. Зрелоста на оваа возраст ја гледам во тоа што веќе одамна престанав да ги бркам ‘големите работи‘ кои ги сметав за многу важни“, рече кантавторот.

На прес-конференцијата пред нивниот заеднички концерт во Скопје на 14 февруари, Момчило Бајагиќ-Бајага кажа дека сака да го извади Владо од илегала.

Бајага и Владо Јаневски пред заедничкиот концерт во Скопје на 14 февруари (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Слушнав дека Владо живее во илегала во Гевгелија, поретко доаѓа во Скопје и не следи дневни случувања, па морав јас да го извадам од илегала и да го натерам да пее во Скопје“, се пошегува Бајага.

На неговиот концерт на 8 август во Античкиот театар во Охрид, Јаневски ѝ посвети песна на Сара Пројковска, професорка по пијано и придружен вокал, која загина во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Јаневски се расплака додека се сеќаваше на Пројковска, која долго пееше како негов придружен вокал.

„Лани на оваа сцена бевме 10, сега сме 9, Сара отиде. На концертите во Филхармонија ми рече: ‘Баце, многу тажни песни правиш’. Ова ќе биде секогаш песната на Сара“, рече Јаневски за „Ненормален“, една од неговите најемотивни балади.

Тој требаше да има концерт и оваа година на истата сцена. Негова голема желба беше секој август да одржува концерти во Античкиот театар во Охрид,

М. ЏАРОВСКА