ХАНА, АНА И ЛУНА – МАЛИТЕ БЕЛИ СКОПСКИ ЛАВИЦИ ГИ ДОБИЈА ИМИЊАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хана, Ана и Луна ќе бидат имињата на трите бели лавици кои се родија во Зоолошката градина во Скопје пред четири месеци.

Овие имиња беа избрани меѓу 3.000 предлози што посетителите во изминатите десетина дена ги оставиле во кутиите на влезот во објектот, како и на фејсбук страниците на зоолошката градина и Град Скопје.

„Внимателно ги прочитавме сите предлози и најголем број од нив беа за Луна, Ана и Хана“, кажаа од зоолошката.

Хана, Ана и Луна се првите лавчиња родени во градината во последните 20 години, а во јавност беа пуштени на 27 јуни.