ИНДИЈА ЗА ЧЕТИРИ ГОДИНИ ЈА ЗГОЛЕМИЛА ПОПУЛАЦИЈАТА НА ТИГРИ ЗА 30%

Њу Делхи, (Би-Би-Си)

Популацијата на тигри во Индија пораснала за 30% во последните четири години, што ги зголеми надежите за опстанок на овој загрозен вид.

Податоците од последниот попис лично ги објави претседателот Нарендра Моди и тие кажуваат дека Индија сега е дом на речиси 3.000 тигри, откако во 2014 ги имало 2.226.

„Ова е историско постигнување. Индија сега е најголемото и најбезбедно живеалиште за тигри на светот“, изјави Моди.

Се проценува дека во Индија живеат 70% од светската популација на тигри.

Индија ги пребројува тигрите на секои четири години, што е долга и напорна задача, бидејќи се одвива на територија од половина милион квадратни километри. На оваа површина се поставени и 26.000 камери.

Откако популацијата на тигри драстично се намали до 1960-ите, Индија во 1972 година донесе строг закон за заштита на природниот свет, со кој стана илегално да се убиваат и фаќаат диви животни. Ова во наредните децении донесе добри резултати. Моди додаде дека во последните четири години бројката на заштитени области во земјата пораснала од 692 на 860.