Јапонска студентка која на испит предала празен лист хартија добила највисока оценка откако нејзиниот професор сфатил дека есејот е напишан со невидливо мастило.

Еими Хага ја избрала старата нинџа техника наречена абуридаши и поминала неколку часови во натопување и толчење на сојата за да добие мастило. Зборовите се појавиле откако професорот ја загреал хартијата над рингла.

„Ова е нешто што го научив од книга кога бев мала. Само се надевав дека на никој нема да му текне“, изјави 19-годишната Хага.

Отсекогаш интересирајќи се за нив, кога се запишала на универзитет, Еими земала часови по историја на нинџите и идеја да напише есеј на ваков начин добила по посетата на Музејот на нинџите во Игарју. Таа цела ноќ ги натопувала зрната соја, пред да ги истолчи и процеди и добиениот екстракт потоа го измешала со вода. Есејот го напишала со мека четка и зборовите станале невидливи откако се исушиле.

„Ниеден студент досега не напишал есеј со абуридаши. Во прв момент се сомневав дека зборовите јасно ќе се видат, но излезе совршено“, изјави професорот Јуџи Јамада.