НЕ УМИРАМ, КАЖА ОЗИ ОЗБОРН ОТКАКО ПОВТОРНО ЈА ОДЛОЖИ ЕВРОПСКАТА ТУРНЕЈА

Лондон, (Гардијан)

Ози Озборн уште еднаш ја одложи својата европска турнеја, но тврди дека не умира, ниту пак се пензионира по годината на лошо здравје.

„Не умирам. Заздравувам, само што тоа се одолжи малку повеќе отколку што очекував“, изјави 70-годишната музичка легенда.

Тој го помина најголемиот дел од годината во лекување откако при пад ги повреди ‘рбетот и вратот, што бараше сложена операција, а имаше и пневмонија, грип и инфекција на раката. Ова ги покрена шпекулациите дека е пред умирање, па Озборн преку видеопорака на Фејсбук им се обрати на фановите.

„Многу е здодевно кога цело време мора да се биде во кревет. Барам од вас да бидете трпеливи уште малку. Ја одложувам европската турнеја затоа што сѐ уште не сум подготвен. Не се пензионирам, има уште настапи што треба да ги одработам. Сакам да бидам стопроцентно спремен кога ќе излезам на сцена“, изјави Озборн.

Одложената европска турнеја требаше да почне во јануари и Озборн вети дека презакажаните концерти во Северна Америка сигурно ќе стартуваат во мај.