ЈАПОНСКИ МИЛИЈАРДЕР ПЛАТИ 98 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ЗА 12-ДНЕВЕН ПРЕСТОЈ ВО ВСЕЛЕНАТА

Москва, (Би-Би-Си)

Јапонскиот бизнисмен Јусаку Маезава отпатува на Меѓународната вселенска станица (ИСС), каде што ќе престојува 12 дена. Тој е првиот турист кој ќе ја посети станицата по многу години и ова е претходница на неговото патување во орбитата на Месечината, што треба да се случи во 2023.

Маезава полета од космодромот Бајконур во Казахстан заедно со рускиот астронаут Александер Мисуркин и видеопродуцентот Јозо Хирано, кој ќе го документира патувањето на Јутјуб каналот на јапонскиот милијардер.

Тој поминал низ ригорозен тренинг во пресрет на лансирањето, што вклучувало спиење во наклонет кревет и долги периоди на играње бадминтон. Притоа подготвил листа од 100 задачи што сака да ги направи на ИСС.

Маезава, кој се збогати во модната индустрија, во 2018 година беше именуван за прв приватен патник околу Месечината, а сумата што ја плати за тоа никогаш не беше објавена. Патувањето на ИСС наводно чини 98 милиони долари.