Со претставата „Кармен“ на Драмскиот театар Скопје, на 14 август во Неготино се отвора третото издание на Театарскиот фестивал „Бранко Ѓорчев“. Монодрамата „Кармен“ е со актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, а е во режија на Дејан Пројковски.
Фестивалот се одржува во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“. Претставите започнуваат во 20 часот, а влезот е слободен. Публиката од 14 до 23 август ќе има можност да проследи пет претстави во ревијалната фестивалска програма.
На 18 август ќе се изведе претставата „Знаме и куфер“ на режисерката Изабела Јакимова, во продукција на „Театар за тебе“ од Скопје. Следниот ден театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес ќе ја изведе претставата „Синиот портокал“ на Александар Ивановски. На 21 август на програмата е „Магионичарско шоу“, детска програма со Кристијан Шопов-Кико Магико.
Фестивалот се затвора на 23 август со ансамблот на Народниот театар „Ацо Шопов“ од Штип, кој ќе ја изведе претставата „ЈЗУ Европа“ на режисерката Кристина Атанасова.