КНИГАТА „МАГИЧНИ МАКЕДОНСКИ ЗНАМЕНИТОСТИ“ НЕ ПРЕУВЕЛИЧУВА ФАКТИ ЗА МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ НА ПРОМОЦИЈАТА МЕНАЏЕРОТ ИВО ЈАНКОСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Менаџерот Иво Јанкоски вчера (27 септември) ја промовираше монографијата „Магични македонски знаменитости“, која како што рече е направена за да ја прикаже Македонија во вистинско светло. Книгата има повеќе автори и е поделена во 8 дела: национални паркови, природни убавини, урбани туристички дестинации, религиски објекти, археолошки зони, музеи, винарии и спорт и рекреација. Издавач е “Трето уво“.

Влатко Стефановски, дел од гостите на промоцијата (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

„Жал ми е што последната книга ‘Неверојатна Македонија’ (Amazing Macedonia) ја промовиравме пред 19 години, а последната книга издадена за Македонија е пред 10 години. Книгата не ја глорифицира и не ја мистифицира Македонија, не преувеличува факти, за тоа нема потреба. Ја претставува во вистинско светло и потсетува колку е скапоцена нашата Македонија. Книгата не е само избор на текстови и слики, туку е патување низ времето и претставување на културата, традицијата и туризмот. Таа е идентична лична карта за секое семејство кај нас и за сите туристи кои доаѓаат овде“, рече Јанкоски. Книгата има околу 300 страници, а текстовите се на македонски и на англиски јазик.

Министерот за култура, Зоран Љутков на промоцијата рече дека со оваа книга, нашите граѓани одново ќе се вљубат во вкусовите и во мирисите на Македонија.

„Првиот примерок кој го имав во кабинет му го подарив на градоначалникот на Анталија кога бев на работна посета таму. Тој навистина малку знаеше за Македонија“, рече Љутков.

Книгата, како што кажа Јанкоски ја има во повеќето познати книжарници.

М. ЏАРОВСКА