„КРАЛОТ НА СУШИТО“ ПЛАТИ РЕКОРДНИ 3,1 МИЛИОН ДОЛАРИ ЗА ТУНА

Токио, (Би-Би-Си)

Јапонски бизнисмен плати рекордни 3,1 милион долари за огромна туна на новогодишната аукција на новиот рибен пазар во Токио.

Самопрогласениот „крал на сушито“ Кијоши Кимура наддаваше до оваа сума за 278 килограми тешка сина туна, која се смета за загрозен вид. Тој го држеше и досегашниот рекорд за најскапа туна на светот, кога плати 1,4 милиони долари во 2013 година.

„Купив добра туна. Цената излезе повисока отколку што мислев дека ќе биде, но се надевам дека моите муштерии ќе јадат добра туна“, изјави Кимура.

Тој ја понуди највисоката цена за туна по седми пат во последните осум години. Добрите познавачи велат дека во нормален ден, туна со оваа големина би се продала за 60.000 долари, но Кимура на овој начин се стекнал со голем публицитет.

Ова беше првата новогодишна аукција што се одржа на новиот пазар во Тојосу, отворен во октомври. Досегашниот во Цукиџи, кој работеше од 1935 година, беше најголемиот рибен пазар на светот и голема туристичка атракција.