ЛАБРАДОРОТ САЛИ ТАГУВА И НЕ СЕ ОДДЕЛУВА ОД КОВЧЕГОТ НА ЏОРЏ БУШ

Вашингтон, (Би-Би-Си)

Златниот лабрадор Сали не се одделува од својот газда, американскиот претседател Џорџ Буш Постариот, и по неговата смрт. Тој беше снимен како лежи покрај неговиот ковчег, а ќе го придружува и на летот од Тексас до Вашингтон по повод националниот ден на жалост.

Буш, кој служеше како 41. претседател на САД од 1989 до 1993 година, почина во петокот на 94 години.

Ковчегот со посмртните останки на Буш ќе биде префрлен со претседателскиот авион Ер форс уан, кој специјално за оваа прилика е преименуван во Спешл ер мишн 41 и ќе биде вратен во Тексас в среда, a Сали цело време ќе биде покрај него.

„Мисија завршена“, напиша портпаролот на Буш, Џим Мекграт, кој фотографијата ја објави на Твитер.

Двегодишното куче му беше доделено како помош на Буш во почетокот на годината и добро истренирано, тоа може да реагира на голем број команди, како јавување на телефон или преземање предмети. Сали има и свој профил на Инстаграм и за време на изборите за Конгресот беше снимен како му помага на Буш на гласачкото место.

Новото работно место на Сали ќе биде асистент во терапиите на повредени војници.