АКО НЕ СИ СПРЕМЕН ЗА ПРЕДИЗВИК, НЕ МОЖЕ ДА СИ АКТЕР, ВЕЛИ АНДРИЈА КУЗМАНОВИЌ ПРЕД БЕЛГРАДСКАТА ПРЕТСТАВА „ЗОЈКИНИОТ СТАН“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Актерите од Београдско драмско позориште утревечер во 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе ја изведат претставата „Зојкиниот стан“, по текст на рускиот писател Михаил Булгаков, поставена од македонската режисерка Наташа Поплавска. На претставата работеше екипа од Македонија: композитор e Огнен Анастасовски, сцената и мултимедијалниот дизајн се дело на Емил Петро, костимограф е Роза Трајческа, додека дизајнер на светлото е Милчо Александров.

„Режисерката Наташа Поплавска необично прецизно (и сурово) го прочитала делото на еден од најголемите критичари на соцреализмот“, велат белградски театарски критичари (Фото: Е. Петро)

„Булгаков во текстот портретира повеќе ликови кои ги претставуваат сите аспекти на постреволуционерното советско општество во 20-ите години на минатиот век, кога профитерството, корупцијата и колапсот на моралните вредности земале силен замав. Приказната за матното и неспокојно транзициско време од еден во друг општествен систем е актуелна и денес“, најавува МНТ.

Во претставата настапува голем дел од ансамблот на Београдско драмско позориште, предводен од актерката Ана Софреновиќ како Зоја Денисовна Пелц, како и: Андрија Кузмановиќ, Милан Чучиловиќ, Јадранка Селец, Милица Петровиќ, Саво Радовиќ, Милорад Дамјановиќ, Сандра Бугарски, Милица Милша, Анѓела Поповиќ, Милош Лазаров, Нада Мацанковиќ, Јелена Ракочевиќ, Кристина Јовановиќ, Саша Ѓурашевиќ, Арсеније Тубиќ/Ѓорѓе Креќа, Александар Стоименовски и Љубомир Ќустиќ.

„Сакам режисери што ми дозволуваат да фантазирам и да ги раширам своите крилја, а не да ме сопираат заради некои нивни ‘трипови’ од детството“, вели Кузмановиќ (Фото: Е. Петро)

Кузмановиќ (34 години), кого пошироката публика го препознава по филмовите „Монтевидео“ и ТВ-серијата „Сенки над Балканот“ во режија на Драган Бјелогрлиќ, за СМАРТ.СДК вели дека многу ја сака Македонија, често одел во Куманово како мал и дека нема чувство дека оди во странство.

За соработката со Поплавска вели дека се сретнале и почнале да работат под чудни животни околности.

„Велат дека не е така како што е планирано, туку како е запишано. Ми беше убав целиот процес на работа со Наташа, затоа што покрај знаењето и евидентната подготвеност, таа ја поседува и мојата најомилена режисерска карактеристика, а тоа е разбирањето кон глумецот. Сакам режисери што ми дозволуваат да фантазирам и да ги раширам своите крилја, а не да ме сопираат заради некои нивни ‘трипови’ од детството“, вели Кузмановиќ.

„Ако се занимаваш сериозно со која било работа, не смееш да бидеш ограничен во ниту еден поглед“. – Кузмановиќ во „Зојкиниот стан“ (Фото: Е. Петро)

Од работата со Бјелогрлиќ, актерот вели дека најдрагоцено нешто што го научил се истрајноста и посветеноста во создавањето.

„А, најдраго ми е тоа што и понатаму работам на сериозни улоги во неговите најсериозни проекти“, додава тој.

Во неговата биографија стои дека од мал сакал да стане глумец и дека е подготвен на секаква трансформација.

„На секоја! Ако се занимаваш сериозно со која било работа, не смееш да бидеш ограничен во ниту еден поглед. Така е и со актерството. Ако не си спремен да прифаќаш предизвици, подобро да не се занимаваш со оваа професија“, кажа Кузмановиќ.

Б. НЕСТОРОСКА