ЛАНСИРАНА ПРВА ПРОБНА МИСИЈА ЗА СОБИРАЊЕ ВСЕЛЕНСКИ ОТПАД СО МАГНЕТИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Тој е невидлив на ноќното небо, но над нас има повеќе од 9.000 тони вселенски отпад. Станува збор за делови од стари сателити и ракети, како и цели, веќе неупотребливи сателити и сите овие остатоци претставуваат опасност како за Меѓународната вселенска станица, така и за системите што ни се многу важни на Земјата – временска прогноза, ГПС и телекомуникации.

Руска ракета „Сојуз“ денеска однесе во вселената 38 сателити од 18 различни држави и меѓу нив е и првиот сателит дизајниран да го собира вселенскиот отпад. Станува збор за демонстрациска мисија, која се состои од два дела, летало од 175 килограми и сателит од 17 килограми, кои ќе се одделат и во наредните месеци ќе се бркаат како мачка и глушец. Леталото ќе ги користи своите сензори за да го пронајде сателитот, што ќе го фаќа со магнети, пред повторно да го пушти за да ја повторат играта.

По серија сложени маневри, експериментот треба да заврши наесен, кога дуото ќе се насочи кон Земјината атмосфера, каде што ќе изгори. Мисијата наречена „Елса-Д“ ќе се контролира од Велика Британија.

Од 1957 година, во орбитата се испратени над 10.600 сателити, од кои 6.250 сѐ уште се во вселената, но само 3.700 се функционални. Во наредните години ќе бидат лансирани уште илјадници сателити кои ќе формираат констелации.