ЛАНСИРАЊЕТО НА МЕГАРАКЕТАТА НА НАСА ГО НАЈАВИ ВРАЌАЊЕТО НА ЛУЃЕТО НА МЕСЕЧИНАТА ПО ПОВЕЌЕ ОД ПОЛА ВЕК

Флорида, (Би-Би-Си)

Денешниот момент долго се чекаше, но се чини дека луѓето конечно се враќаат на Месечината.

НАСА денеска ја лансираше својата најмоќна ракета досега, 98 метри високата „Спејс лаунч систем“ (СЛС), чија главна цел е да фрли капсула во правец на Месечината. Леталото „Орион“ овојпат е без човечка посада, но ако сè помине како треба, во него ќе има луѓе за идните мисии на површината на Месечината.

Ова се совпаѓа со 50-годишнината од последното човечко патување на Месечината, што беше изведено со „Аполо 17“ во декември 1972. Кога Џин Сернен и Харисон Шмит заминаа оттаму, никој не можеше да замисли дека ќе биде потребно толку време за да се создадат нови ракета и капсула соодветни за посета на природниот сателит на Земјата.

Џин Сернен и Харисон Шмит се последните луѓе кои шетаа по површината на Месечината

Сернен и Шмит поминаа само три дена на Месечината. Проектот „Артемис“, чија основа е СЛС, ќе биде различен. НАСА сака враќањето на Месечината да биде постојано и идните астронаути да живеат во лунарна база.

„Орион“ ќе биде на 26-дневна екскурзија во она што се нарекува далечна ретроградна орбита на Месечината и најблиску ќе стигне на 100 километри до нејзината површина. Капсулата треба да се врати на Земјата на 11 декември, кога ќе падне во Пацификот.

СЛС се создаваше повеќе од една деценија и чинеше околу 20 милијарди долари. Враќањето на луѓето на Месечината се планира во 2025 година.

(Фото: АП)