ЛОНДОНСКА ПИВАРА ПРАВИ ПИВО ОД ОСТАТОЦИ ОД ЛЕБ

Лондон, (Си-Ен-Ен)

Една мала лондонска пивара претвора остатоци од леб во пиво, со цел да се намали фрлањето на храната.

Секое шише од пивото „Тост“ содржи количество рамно на една кришка леб и иако може да се почувствува аромата на пченица и карамел од лебот, во пивото нема да најдете никакви трошки.

Сопствениците на пиварата заменуваат една третина од јачменот со лебот. Тие го собираат лебот од фабриките што произведуваат сендвичи, кои ја фрлаат корката од своите финални производи.

„Реалноста е дека краевите од лебот, корката, никогаш нема да завршат во вашиот сендвич. На почетокот од производствениот процес имате некого кој ја отстранува корката и ја фрла право во ѓубре“, вели шефот на пиварата „Тост ејл“, Роб Вилсон.

Тој проценува дека 44% од лебот што се пече во Велика Британија завршува во ѓубре, при што домаќинствата фрлаат 24 милиони кришки годишно.

„Би сакал да можам да ви раскажам романтична приказна како одам на велосипед од пекара во пекара и го собирам лебот, но реалноста е дека фрлањето леб се случува на индустриско ниво“, открива Вилсон.

Правењето пиво од ферментиран леб не е ништо ново. Напротив, „Тост ејл“ го има преземено рецептот од 4.000 години стара практика од Вавилон, кој беше обновен од една бриселска пивара пред две години.