Пред три години, Луксембург стана прва држава во Европа со бесплатен јавен превоз во обид да ги намали сообраќајниот метеж и аерозагадувањето, но автомобилите и натаму владеат на тамошните патишта.
Ако нема гужви, од Вајсвампах на крајниот север на Луксембург до Дуделанж на југот има едвај еден час возење, со што државата со 650.000 жители имаше идеални услови за својот експеримент со бесплатни возови, трамваи и автобуси за сите. Иако Луксембург нема долги автопатишта, единствено Полска во Европа има повеќе автомобили на илјада жители – 681.
Покрај тоа, десетици илјади возила секој ден ја поминуваат границата, со кои странци доаѓаат на работа во Луксембург.
„Често велам дека Германците прават коли, а Луксембуржаните ги купуваат“, се пошегува вицепремиерот Франсоа Бауш.
Обидувајќи се да ја трансформира земјата во јаглеродно неутрална економија, владата на Ксавиер Бетел инвестира 800 милиони евра годишно во јавниот превоз. Луксембург ја има најфинансираната трамвајска мрежа во Европа, која чини 500 евра по жител секоја година.
Сепак, приватните автомобили и натаму ги блокираат главните сообраќајници во најпрометните часови. Една од причините за тоа се 220.000 прекугранични работници, кои секој ден доаѓаат од соседните земји поради повисока плата. Возовите и автобусите со кои можат да дојдат од Франција, Белгија или Германија не се бесплатни до границата, па многумина остануваат врзани за своите автомобили.
(Фото: АФП)