МАЛИ, БРЗОРАСТЕЧКИ УРБАНИ ШУМИ СЕ САДАТ НИЗ ЕВРОПА СПОРЕД ПРОЕКТ НА ЈАПОНСКИ БОТАНИЧАР

Париз, (Гардијан)

Мали, густи шуми никнуваат низ Европа како дел од движењето кое се обидува да го обнови биодиверзитетот и се бори против климатските промени.

Посадени на места како училишни дворови и покрај патишта, овие шуми можат да бидат мали колку тениско игралиште. Тие се засновани врз делото на јапонскиот ботаничар Акира Мијаваки, кој посадил над илјада вакви шуми во својата земја, Малезија и други држави.

Активистите велат дека овие минијатурни шуми растат десет пати побрзо и 30 пати погусто од оние посадени со конвенционални методи и обезбедуваат 100 пати повеќе биодиверзитет. Овој резултат се постигнува така што садниците се садат блиску една до друга, три на квадратен метар и притоа се користат десетици различни видови дрво. Шумите Мијаваки се дизајнирани така да го регенерираат земјиштето за многу пократко време.

„Ова е одличен начин во урбани средини да се креираат коридори за див свет преку појаси од минишуми. Вакви шуми се млади и поотворени и пропуштаат повеќе сончева светлина до расцутените растенија. Тие исто така обезбедуваат храна и скривалиште за птици и најразлични видови инсекти“, вели екологистот Фабрис Отбург.

Од 2015 година, во Холандија се засадени стотина Мијаваки шуми и во план е нивниот број да се удвои до 2022. Во Белгија и Франција во изминатиот период никнаа 40-ина вакви минишуми.