МОТ ЗАТВОРА СО СРПСКАТА ПРЕТСТАВА „МАЈКА ХРАБРОСТ И НЕЈЗИНИТЕ ДЕЦА“ НА РЕЖИСЕРОТ ПРОЈКОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со антивоената приказна на Бертолд Брехт „Мајка Храброст и нејзините деца“, во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски, вечерва (25 ноември) во 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ) се затвора јубилејното 50. издание на Млад отворен театар (МОТ). Ова е трета претстава која Пројковски ја поставува во Новосадскиот театар.

„Живееме во специфични времиња во кои времето се мери според војните и жртвите. Историјата не нѐ научи да се промениме на подобро. Човештвото лесно заборава и повторно се враќаме на истите состојби. Играме слични игри, повторуваме исти трагедии. Светот постојано произведува крв и детски солзи. Достоевски нè потсетува дека никаков идеал не вреди кога ќе падне и само една детска солза. ‘Мајка Храброст’ е огледало кое го открива вистинското лице на општеството и човекот. Таа, како и човештвото, постојано ја губи својата суштина“, вели Пројковски.

Покрај Пројковски, како дел од македонската авторска екипа работеа и Олга Панго – кореографија, Валентин Светозарев – сценографија, Горан Трајковски – музика и Стефан Светозарев – дизајн на постер.