На 17 мај (сабота) во 11 часот во Чифте амам, при Националната галерија на Македонија (НГМ) ќе биде промовирана книгата „Црвен се барјак развева“ на проф. д-р Кирил Пенушлиски.
Во Чифте амам на 9 мај се отвори истоимената изложба, која ја обработува македонската народна борбена поезија и нејзината интерпретација во ликовните дела на македонските уметници.
„’Црвен се барјак развева’“ има за цел да го истакне богатото културно наследство на Македонија и да ни ја доближи традицијата преку современи уметнички изрази, создавајќи простор за контекстуализација на историјата и значењето на народната борбена лирика во нашата колективна свест“, вели Пенушлиски.
Книгата што ќе биде промовирана претставува збирка научни текстови посветени на македонската народна борбена лирика и модерната и современа македонска ликовна уметност, и истовремено служи како каталог на изложбата.
На изложбата, покрај текстовите на македонските народни борбени песни се претставени ликовни дела на некои од најголемите македонски уметници, како Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Томо Владимирски, Петар Мазев, Петар Хаџи Бошков, Борко Лазески, Васко Ташковски и други.
Покрај ликовните дела, во Чифте амам изложени се и документи од непроценлива важност за историјата на македонскиот народ и држава, фотографии, оружје, некои од првите збирки на македонските борбени песни, како и оригинални црвени барјаци на македонската народно-ослободителна војска.