Новиот роман-басма на писателката Оливера Ќорвезироска „Три Марии“ ќе биде промовиран на 2 април од 19 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ на отворањето на второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“, кој е во организација на „Литература.мк“. Романот е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Книгата ќе ја промовира Илина Јакимовска, а извадоци ќе читаат актерките Катерина Коцевска, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Симона Димковска.
„Три Марии“ е третиот роман за возрасни на Ќорвезироска, по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. Дизајнот на корицата го направи Марко Трпески.
Според издавачот, „Три Марии“ е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, што не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. „Три Марии“ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија, кои сакаат да ги напуштат моменталните животи поради грешна љубов. Поднасловот роман-басма во извесна смисла го „оправдува“ присуството на многу фолклористички обичаи, верувања и суеверија, црни судбини, фатуми и карасевди во романот.
„Се движев меѓу редовите неприсилено, водена со некоја магија, со цврста, а левтерна рака. Некои парчиња начисто ме одушевија со суптилниот опис на душевната состојба“, напиша Оливера Николова за романот „Три Марии“.
Ќорвезироска (1965) е родена во Куманово. Основно и средно образование завршила во родниот град, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи како уредник. Авторка е на следните дела: „Трети кат“, „Високите бели“ (поезија), „Кифличката Мирна“, „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца), „Дедо Миле“ (сликовница), „Отвораат ли сништата работа“, „Еден текст и една жена“, „На полпат“ (критика и есеистика), „Заклученото тело на Лу“, „Аб’т“, „Три Марии“ (романи за возрасни), „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“, „Новелички без шеќер“, „Улиците што ги нема“ и „Престапни години“ (раскази за возрасни). Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, чешки, српски, бугарски, словенечки, полски, руски, германски и грчки јазик.