На 28 октомври од 19 часот, во Францускиот институт во Скопје ќе биде промовирана книгата „Поетики на современата европска драма и театар“ од Деспина Ангеловска, театролог и професор на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје.
Издавач на книгата е „Темплум“, а ќе ја промовираат Бесфорт Идризи, декан на ФДУ, Лада Стевановиќ, научна советничка на Етнографскиот институт во Белград и писателот Гоце Смилевски.
„’Поетики на современата европска драма и театар’ на еминентната теоретичарка и универзитетска професорка Деспина Ангеловска е резултат на нејзиното длабоко ерудитивно и суштинско проучување на театарската уметност, кое го изразува на три јазика: француски, македонски и англиски и воедно ги потврдува очекувањата кои произлегоа од нејзиното претходно дело ‘Драматургија на децентрирањето: Бернар-Мари Колтес, патување кон рабовите’. Со својата нова книга, преку синтеза на особеностите на опусите на внимателно избрани автори и анализа на нивни конкретни пиеси, Ангеловска ни овозможува есенцијален увид во трансформативните текови на драмските и театарски поетики во едно полустолетие, кое опфаќа нешто повеќе од една четвртина од крајот на 20. век и нешто помалку од една четвртина од почетокот на 21. век“, стои во поговорот на Смилевски.