„НАЈОСАМЕНИОТ СЛОН НА СВЕТОТ“ КОНЕЧНО ЌЕ БИДЕ ПРЕСЕЛЕН ВО НОВ ДОМ

Исламабад, (АП)

Слон за чие ослободување со години лобираа активистите за заштита на животни конечно доби дозвола да ја напушти својата зоолошка градина во Пакистан и да биде префрлен во подобри услови за живеење.

Наречен „најосамениот слон на светот“, Каван страдал во зоолошката градина во Исламабад повеќе од 35 години. Тој сега доби лекарска дозвола за патување и најверојатно ќе биде преселен во Камбоџа, каде што ќе се обидат да му најдат и придружничка.

Пред осум години, Каван остана сосема сам откако умре неговата придружничка Сахели, со која биле неразделни од 1990. Стотици илјади луѓе потпишаа петиција со која му се бараше нов дом на Каван за да добие подобра грижа.

Шефовите на зоолошката градина пред четири години кажаа дека Каван веќе не е врзан со синџири. Тие тврдеа дека тоа било неопходно зашто имал насилни испади.

„Заздравувањето на Каван ќе биде долго. Неговите повреди не се само физички, тој има проблеми и со однесувањето. Тој цело време беше осамен и оставен да живее на мал простор“, кажа Мартин Бауер, портпарол на организацијата „Четири шепи“.