Камери поставени на дното на Индиски Океан снимија октопод на најголемата длабочина досега.
Октоподот е забележан на длабочина од 7.000 метри во браздата Јава, што е речиси два километра подлабоко од досегашниот рекорд. Научниците велат дека станува збор за октопод од видот „дамбо“, бидејќи има уши како ликот од познатиот анимиран филм на „Дизни“ од 1940-ите.
Најзаслужен за снимките на овие ретко видени суштества е д-р Алан Џејмисон, пионерот на истражувањата на длабочините. Неговите инструменти „лендери“ се исфрлуваат од истражувачки бродови и потоа се закачуваат за морското дно, забележувајќи го околниот жив свет. Неговата опрема успеала да сними два октопода: еден на длабочина од 5.760 метри и друг на 6.957 метри. Тие имале должина од 43 и 35 сантиметри.
Досегашната најдлабока снимка на октопод била направена пред 50 години во водите на Барбадос, на длабочина од 5.145 метри.