Непалскиот шерпас Ками Рита го искачи Монт Еверест по 31. пат, подобрувајќи го сопствениот светски рекорд. Педесет и петгодишниот Рита притоа водеше група индиски планинари до врвот.
„На Ками Рита не му треба претставување. Тој не е само национален планинарски херој, туку и глобален симбол на Монт Еверест“, соопшти организаторот на експедицијата „Севн самитс“.
Ками Рита, кој работи како водич повеќе од две децении, првпат се искачил на Монт Еверест во 1994 и оттогаш го повторил тоа сите години освен во 2014, 2015 и 2020. Во 2023 и 2024 му успеа по двапати.
„Моите качувања се само работа. Мило ми е за рекордот, но рекордите постојат за да се соборуваат. Посреќен сум со тоа што моите искачувања помагаат Непал да биде препознат во светот“, кажа Рита.