НОВАТА ФУДБАЛСКА СУПЕРЛИГА Е ПРОЕКТ ОД ЧЕТИРИ МИЛИЈАРДИ ЕВРА ШТО СИТЕ ГО ОСУДУВААТ

Лондон, (Би-Би-Си)

Новото клупско фудбалско натпреварување Европска Суперлига (ЕСЛ), која се заканува да го промени фудбалот засекогаш, е проект од четири милијарди евра, зад кој стои американската банка „ЈП Морган“. Во неа би играле 20 клуба од елитата на европскиот фудбал, а основачи се Арсенал, Челзи, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Милан, Интер, Јувентус, Реал Мадрид, Барселона и Атлетико.

УЕФА, ФИФА, Европската асоцијација на клубови, навивачките здруженија, националните лиги на кои им припаѓаат одметнатите клубови, сите се спротивставија на проектот, додека 12-те учесници објавија дека веќе покренале правна акција против обидите да бидат запрени. УЕФА ги предупреди клубовите дека би можеле да бидат исфрлени од домашните и меѓународните натпреварувања, а играчите од репрезентациите, додека англиската Премиерлига, италијанската Серија А и шпанската Ла Лига соопштија дека со заеднички сили ќе се обидат да го спречат расколот со правни и спортски мерки.

„Ќе ги преземеме сите можни мерки за да го сопреме овој циничен проект“, соопшти УЕФА.

Баерн, Борусија Дортмунд и ПСЖ објавија дека нема да бидат дел од оваа лига, која допрва треба да се комплетира. Уште три екипи ќе добијат покана, а останатите пет би се квалификувале годишно преку домашните првенства.

Мечевите би се играле среде недела, а учесниците би биле поделени во две групи со по 10 екипи, кои би играле меѓусебе дома и на гости. Оттаму би се пласирале во четвртфинале.

Парите се чини се водечката сила зад овој проект и од ЕСЛ кажаа дека таа ќе резултира со поголема дистрибуција на приходите.

„Формирањето на Суперлигата доаѓа во време кога пандемијата ја забрза нестабилноста на постојниот економски модел на европскиот фудбал. Новото годишно натпреварување ќе обезбеди значително поголем економски раст и поддршка за европскиот фудбал“, соопштија клубовите-основачи.