ОГРОМНА ФИГУРА НА МАЧКА СТАРА 2.000 ГОДИНИ ОТКРИЕНА ВО ПУСТИНАТА НАСКА ВО ПЕРУ

Лима, (Би-Би-Си)

Огромен древен цртеж на мачка е откриен во пустината Наска во Перу.

Наскански линии, локалитет под заштита на УНЕСКО, претставуваат низа дизајни направени на почвата, познати како геоглифи и некои од нив се стари 2.000 години. Научниците веруваат дека мачката, како и останатите наскански фигури, биле создадени со правење вдлабнатини во пустинското тло, со што се откривале подолните контрастни материјали.

Мачката, за која се верува дека била направена меѓу 500 и 200 година пред нашата ера, останала незабележана сѐ додека неодамна не почнале да се прават планови за изградба на нов пат до една набљудувачка платформа, од која се открива поглед на голем број други геоглифи.

„Фигурата долга 37 метри беше едвај видлива и веќе исчезнуваше, бидејќи се наоѓа на доста стрмна падина која е изложена на ерозии. Таа беше исчистена и заштитена минатата недела“, изјави министерот за култура на Перу.

Археолозите велат дека мачката била направена во периодот пред насканската култура, која ги создала повеќето фигури меѓу 200 и 700 година.