ИСТРАЖУВАЧКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ СКОПЈЕ ПОЧНУВА УТРЕ СО ЦЕЛОСНО ОНЛАЈН ПРОГРАМА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Утре се отвора 4. издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје, кој за првпат во целост ќе се одржува онлајн. Годинава тема е „Солидарност“ и организаторот Платформата за истражувачко новинарство и анализи ПИНА најавува документарци, меѓу кои и една светска премиера, и гости од медиумската сфера.

Фестивалот го отвора дискусија на тема „Новинарството во време на пандемија“, со директорката на Европската федерација на новинари Ренате Шродер и основачката на Коалицијата за жени во новинарството Киран Назиш. На оваа тема од перспектива на македонската медиумска сцена на 21 октомври ќе зборуваат Христина Беловска и Дарко Дуридански, додека на 24 октомври ќе се дискутира за соработката на новинарите и граѓанското општество во земјава.

Сите филмови ќе можат да се гледаат бесплатно и за времетраење на фестивалот, освен „Социјалната дилема“ на „Нетфликс“, кој со македонски превод ќе се прикаже бесплатно само еднаш на затворањето на фестивалот, на 25 октомври од 20 часот. Меѓу филмовите што се во програмата се и „Коронација“, што кинескиот уметник Ај Вејвеј го сними „од дистанца“ со користење материјали од жителите на Вухан и „Пештерата“, кој беше номиниран за Оскар.

ПИНА го органиизра фестивалот со поддршка од фондацијата „Фридрих Еберт“ од Скопје и канцеларијата на УНХЦР во Скопје.