Групата „Љубојна“ беше изненадување на Макфест“ во Штип со поп песната „Само љубов дај“, која е во регетон стил и, како што велат членовите на групата, со поинаква музичка експресија.
Пејачката Вера Милошевска-Јосифовска вели дека песната ја имала како идеја и оти на Макфест си го нашла точното место.
„Ова е моја втора авторска песна, по ‘Јас и ти’, која ја имав напишано од поодамна. Песната има многу едноставен мотив и колку и да звучи клише, целиот свет почива, страда и се возвишува поради љубовта. Најстандардните нешта се најдлабоки, и да, љубовта треба да победи. Во последниве години недостасуваат разбирање и човечност, основен човечки однос. Така што, пеевме за љубовта и како интимна порака помеѓу двајца вљубени, но и како универзална порака“, ни рече пејачката, која е професорка по традициско пеење во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
Таа додава оти на работа ѝ е прекрасно, затоа што има одличен тим околу неа.
„Можам да кажам дека сум највозрасната професорка во тимот, па можете да замислите колку ми е убаво. Со млади луѓе лесно се движат нештата. Ние сме ансамбл кој функционира како семејство“.
Вера е сопруга на музичарот Оливер Јосифовски, нејзин колега од дуото и имаат две деца, Јана и Јован. Во разговорот се спомена и нејзиното семејство.
„Дома сме една организација, која бара голема логистика. Во таквото секојдневие голем благодат е помошта особено од мојата мајка, но и од мојот брат и мојата свекрва. Тоа што го гледа публиката тие пет минути на сцената е нашето задоволство после сета таа организација и подготовка, која знае да потрае со недели. Потребна е голема екипа луѓе за сè да изгледа глатко на сцена, каде што сме меѓу нашата драга публика“, вели Милошевска-Јосифовска.
Вели дека успева да украде време за себеси. За својата форма се грижи со пешачење на Водно кое најмногу ѝ годи и со пливање. Кажа и дека е горда што токму поради добрата посветеност и дисциплината успеала пред неполн месец да магистрира.
Музиката не ја дели на жанрови, сметајќи дека тоа е застарена форма на гледање на музиката.
„‘Љубојна‘ од своето постоење ги руши музичките стереотипи, па, според мене, музиката се твори и интерпретира единствено во контекст. Инаку, губи смисла. Секако, тука стои и слободата на избор – секој може да ја слуша и доживува на свој начин“, вели таа.
М. ЏАРОВСКА